– Безбедноста и стабилноста на регионот, глобалната сигурност и актуелни случувања во Украина и на Блискиот Исток, беа главни теми на вечерашната средба на претседателот на техничката Влада, Талат Џафери со заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана во седиштето на Алијансата во Брисел.
На средбата, која е прва во рамки на неговата работна посета на Брисел, Џафери ја потенцира посветеноста на Северна Македонија во одржувањето на стабилноста и безбедноста во Евроатлантската област, не само како фактор на стабилност на Западен Балкан, туку и со активното учество во мисиите на НАТО во Косово и Ирак и на ЕУ во Босна и Херцеговина и во борбените групи на Алијансата во Летонија, Романија и Бугарија.
Дополнително, Северна Македонија, како што се наведува во владиното соопштение, продолжува со силна поддршка на Украина и на украинскиот народ во борбата за слобода и мир против ужасите кои руската агресија се уште ги предизвикува на територијата во државата.
На средбата се разговараше и за претстојната 75-годишнина од формирањето на Алијансата, во годината која донесе најголем предизвик од нејзиното основање – НАТО се прошири за уште една членка (Финска), а наскоро и со уште една (Шведска), правејќи го пообединет и посилен од кога било.
Имајќи ги предвид изборите во многу земји во текот на оваа година, на кои одлучуваат над два милијарди граѓани ширум светот, вклучително и во Северна Македонија, на средбата се разговараше и за предизвиците што претстојат во изборниот период, заради кои фокусот се става на јакнење во справувањето со хибридните закани, дезинформациите и кибер безбедноста.
Џафери на средбата беше придружуван од првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Работната посета на Брисел, Џафери ја продолжува утре со средби со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со европратеници од редовите на проевропските политички групации.