Американскиот актер Џејмс Ван Дер Бик, најпознат по улогата во серијата „Досонс Крик“, јавно го сподели своето искуство во борбата со ракот на дебелото црево, откривајќи детали за неговата здравствена состојба.
Имено, тој искрено зборуваше за своите први симптоми, погрешните претпоставки и шокот што следеше по дијагнозата.
Првите знаци на болеста се појавиле во август 2023 година, кога имал 46 години. Тој вели дека првично забележал промени во празнењето на цревата, но не ги сметал за алармантни. Симптомите ги припишал на зголемената консумација на кафе, верувајќи дека состојбата ќе се нормализира откако ќе престане да конзумира кофеин.
„Имав чувство дека сето тоа е резултат на диета или стрес и мислев дека ќе помине само од себе“, рече Ван Дер Бик.
Сепак, бидејќи тегобите не исчезнале, тој решил да побара медицинска помош и да направи колоноскопија. Дијагнозата што следела била шокантна – рак на дебелото црево во трета фаза, со метастази во лимфните јазли.
„Ми требаше долго време да ја прифатам дијагнозата. Дури и денес, тешко ми е да поверувам. Сепак, ако мојата приказна спаси барем едно лице да не помине низ истото, тоа ќе биде одлично за мене“, рече Ван дер Бик во емотивно обраќање на социјалните мрежи.
Она што го прави неговиот случај особено впечатлив е фактот дека тој водел исклучително здрав живот – редовно вежбал, одел во сауна и ледени бањи, вежбал пилатес, танцувал, играл фудбал и се хранел органски. Сепак, болеста не го заобиколила.
На својот 48-ми роденден, Ван Дер Бик сподели со своите следбеници колку му била тешка изминатата година. Тој истакна дека болеста го принудила да преиспита сè што мислел за себе и за животот.
„Како млад човек, се дефинирав себеси како актер – што никогаш не беше целосно исполнување. Подоцна станав сопруг, потоа татко – тоа беше најголемата вредност. А потоа, кога болеста ќе ги одземе сите овие идентитети, останувате соочени со себе“, призна актерот.