Англискиот фудбалер Џуд Белингем поради повреда на рамото нема да настапи на претстојните натпревари за националниот тим во квалификациите за Европското првенство во 2024 година.
Џуд Белингем денес се повлече од репрезентацијата и нема да игра против Малта и Македонија, во натпревари кои немаат големо натпреварувачко значење, бидејќи Англија веќе се пласираше на Европското првенство во Германија.
Џуд Белингем ги пропушти последните два натпревари на Реал Мадрид и откако беше прегледан од англиските доктори на тренинг кампот во понеделникот, беше одлучено тој да ја продолжи рехабилитацијата во Шпанија.
Исто така, поради повреда на рамото нема да игра и дефанзивецот на Челзи, Леви Колвил.
Кон крајот на неделата на тимот ќе му се приклучат Маркус Рашфорд и Калвин Филипс, кои сега отсуствуваат поради лични обврски.
Англија во петок ќе ја пречека Малта на „Вембли“, а во понеделник во Скопје ќе игра против Македонија.
Избраниците на Герет Саутгејт се непоразени во групата Ц со 16 бодови, Украина е втора со 13, Италија има 10, Македонија има седум бодови, а Малта нема бодови.