Казна затвор од 13 години му се заканува на поранешниот претседател на турскиот фудбалски прволигаш Анкарагучу, Фарук Коча, доколку биде прогласен за виновен по сите точки од обвинението за кое се товари.
Фарук Коча денеска се појави на суд и изрази жалење поради инцидентот што го предизвика минатиот месец кога по завршување на дуелот од турската Суперлига меѓу Анкарагучу и Ризеспор физички го нападна главниот судија Халил Умут Мелер.
Непосредно по последниот судиски свиреж, Фарук Коча втрча на теренот и со тупаница го удри во главата Халил Умут Мелер. Откако падна на земја, главниот судија уште неколку пати беше удрен со нога, а потоа пренесен во болница.
Првиот човек на Анкарагучу беше уапсен ден по инцидентот.
На судското рочиште Фарук Коча се извини за инцидентот, но негираше дека на Халил Умут Мелер му се заканил со убиство.
„Тоа беше прв пат во животот да се впуштам во физичка пресметка, но дел од обвинението не е точно. Не му се заканував на судијата Мелер дека ќе го убијам. Изразив жалење поради инцидентот и претходно, а тоа го повторувам и пред судот“ кажа Фарук Коча.
Судскиот процес ќе продолжи на крајот на февруари.