Револтиран од тоа што Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот, пратеникот Борис Крмов збесна на говорницата и барајќи да се прекине седницата, го искрши мониторот на пултот на кој седеше потпретседателот Горан Мисовски кој ја водеше седницата во тој момент.
„Поднесени се 2.640 амандмани, 1461 амандман се од Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Од кои 12 амандмани се уредни, останатите се неуредни“, констатираше спикерот Талат Џафери.
Апасиев побара да се тргне точката за измена на собранискиот Деловник од дневниот ред на пленарната седница, додека на претседателот Талат Џафери му порача дека нема да му прости и дека услов за да Левица влезе во Влада ќе биде тој да скапе во затвор.
Седницата е прекината. Мисовски даде пауза од 30 минути.