– Бројот на починати поради прекинот на струја во болницата Ал-Шифа во градот Газа се искачи на 20, а меѓу нив се и шест предвреме родени бебиња, изјави денес директорот на болницата.
„Шест предвреме родени бебиња и девет повредени лица од одделението за интензивна нега во болницата починаа денес како последица на прекинот на струја“, изјави Мохамед Абу Слима за Анадолу.
Тој рече дека во неделата седум пациенти на интензивна нега го загубиле животот во најголемата медицинска установа во Газа.
„Сите починаа како резултат на одбивањето на Израел да дозволи испорака на гориво во болницата. Во болницата сѐ уште има 33 предвреме родени бебиња“, рече тој.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека неговата Влада понудила гориво за болницата, но испораката била блокирана од Хамас.
Болницата Ал-Шифа и нејзината околина, како и другите болници во Појасот Газа последните денови постојано се цел на израелската армија.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври.
Од почетокот на конфликтот, најмалку 11.180 Палестинци се убиени, меѓу кои 8.000 деца и жени. Според официјални податоци, бројот на загинати во Израел изнесува речиси 1.200.