21 година од смртта на претседателот Борис Трајковски

Во Скопје, Струмица и Ротимље кај Мостар денеска се одбележa 21-годишнината од авионската несреќа во која животот го загубија поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Членови на семејството, државни делегации и други положија цвеќе на гробот на Трајковски на градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен обележјата во Ротимље и Струмица.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа кај Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски, животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од МНР, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на безбедносниот тим, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Првичните истраги спроведени од надлежните македонски и босански власти покажаа дека причина за падот биле грешки на екипажот при пристапување на аеродромот во Мостар при сложени метеоролошки услови, густа магла и облачност.

На барање на македонските власти, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.

Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно – политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.