21 кандидат за нов македонски судија во Судот во Стразбур

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираше дека на јавниот повик за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур има вкупно 21 апликација.

„Во наредниот период, Меѓуресорската Комисија формирана со одлука на Владата на Република Северна Македонија, ќе ги разгледа пристигнатите апликации, ќе изврши интервјуирање на кандидатите и ќе пристапи кон процес на нивно рангирање, со цел предлагање на тројца кандидати до Советодавниот панел на експерти за избор на судии при Советот на Европа, согласно член 22 од Европската Конвенција за Човекови права (ЕКЧП)“, информираат од МНР.

Како што велат, процесот на селекција ќе се спроведе во согласност со утврдените критериуми и процедури, со цел обезбедување на транспарентност и објективност при изборот на најсоодветните кандидати за оваа значајна позиција.

Од 2017 година македонскиот судија во Европскиот суд од земјава е Јован Илиевски. Деветгодишниот мандат на новиот судија ќе почне на почетокот на 2026 година.