Неколку часа по влегувањето на Хамас на територијата на Израел, очигледно е дека раководството на земјата беше повеќе од збунето. Нетанјаху не се огласуваше со часови, а членовите на Хамас славеа потфат што не беше забележан во Израел со децении. Ден подоцна, борбите во Израел и Газа се уште траат, а судејќи според реакциите на официјалните претставници на двете страни, се чини дека Блискиот исток го очекува исклучително турбулентен период во наредните месеци.
Од друга страна, претставници на Хамас, како и на други милитантни организации од Палестина, како и други околни земји, најавија дека немаат намера да се откажат од борбата.
„Одлучивме, со Божја помош, да ставиме крај на овие израелски злосторства, така што непријателот ќе разбере дека времето на уништување без одговорност заврши“, рече воениот командант на Хамас, Мохамед Деиф.
24 часа подоцна
Она што се знае 24 часа по нападот е дека израелската армија се уште неутрализира припадници на Хамас во осум области на југот на земјата.
„Израелските одбранбени сили ја вратија контролата врз 22 локации на југ. Сепак, сè уште се справуваме со Хамас на осум локации. Израелските власти, исто така, полека почнуваат да ги евакуираат жителите на градовите околу Појасот Газа. Сè уште сме во војна и завршување на напорите за преземање целосна контрола на територијата“, рече портпаролот на ИД.
Дека ситуацијата е многу посериозна од претходно сведочат зборовите на Бенјамин Нетанјаху, кој рече дека Израел е пред долга војна со Хамас.
„Ќе ги уништиме и насилно ќе се одмаздиме за овој мрачен ден што го предизвикаа на државата Израел и нејзините граѓани. Ќе ги претвориме сите места каде што Хамас е распореден, скриен и дејствува во урнатини. Им велам на жителите на Газа – заминете веднаш, затоа што ќе употребиме сила насекаде“, рекол Нетанјаху.
Во меѓувреме, израелските одбранбени сили (ИДФ) известија за низа активности спроведени од војската во текот на изминатата ноќ. Како што беше нагласено, освен нападите извршени на територијата на Газа, Израел дејствуваше и на територијата на Либан, од каде ракетите на Хезболах полетаа кон територијата на Израел.
„Како одговор на нападот на Хезболах, артилерија на ИД пукаше кон цели во областа. Уништена е и инфраструктурата на Хезболах во пограничната област. Ќе продолжиме со нашите активности во сите области за да обезбедиме безбедност на сите граѓани“, соопшти ИД.
Мртвите се бројат во стотици
И покрај тоа што е сосема јасно дека судирите меѓу Хамас и Израел ќе продолжат да се интензивираат во наредните денови, двете страни досега објавија бројни загуби, пред се цивили кои загинаа во нападите.
„Досега се убиени најмалку 300 Израелци, а десетици се киднапирани и однесени во Газа. Близу 2.000 луѓе се лекуваат во болниците, а 19 од нив се во критична состојба“, соопштија израелските служби.
Исто така, Амбасадата на Израел во САД објави информација во која се појаснува како припадниците на Хамас киднапирале 100 цивили и војници.
Од друга страна, палестинското Министерство за здравство соопшти дека најмалку 300 луѓе загинале во Газа во воздушни напади извршени од израелската авијација.
„Најмалку 20 деца загинаа во воздушните напади. Уште 1.788 луѓе се повредени“, објаснија тие. Засега не е познато во која насока ќе се одвиваат воените операции на Израел во Појасот Газа. Авијацијата работи 24 часа на ден, а командантите не исклучуваат други форми на напад кои би можеле да го оштетат Хамас и бројни цивилни објекти.
Она што многумина ги загрижува е можноста конфликтот да се прошири и во соседните земји. Членовите на Хезболах веќе дејствуваа во насока на Израел, а организацијата ги повика сите муслимански воени организации да ја поддржат борбата на Хамас и другите палестински организации против Израел.
Исто така, она што најмногу ги загрижува израелските власти е дека Палестинците од другите региони, пред се од Западниот Брег и Источен Ерусалим, би можеле да ги следат инструкциите на Хамас и да започнат вооружен бунт што секако дополнително ќе ја дестабилизира територијата на Израел.