„27 април“ е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ, вели СДСМ

„27 април“ е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, „27 април“ е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ, велат од СДСМ.

„Вооружени насилници на 27 април 2017 година, поттикнати од ДПМНЕ, упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во парламентот, да го загрозат уставниот поредок, ја доведоа државата пред амбис, на раб на граѓанска војна.

Сеќавањата на крвавите лица на пратениците, нападнати со шипки и столици, влечењето за коса, дивеењето на насилниците, кои кршеа и уништуваа се пред себе во храмот на демократијата, се свежи и по седум години.

Насилниците поддршка имаа и од Христијан Мицкоски, кој тој ден беше пред македонското собрание. Наместо извинување и осуда, Мицкоски стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток“, соопштија од партијата.

Од таму велат дека ништо не е сменето во ДПМНЕ.

„Тоа е истата партија која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните. СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори. Со глас за СДСМ и Коалицијата на 8 мај граѓаните гласаат за слобода, демократија и европски вредности“, се вели во соопштението на СДСМ.