27 јануари – Меѓународен ден на сеќавање на холокаустот

Денес се одбележуваат одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на Освиенцим, близу Краков. Церемонијата треба да започне во 15:00 часот по Гринич, а на неа се очекуваат 54 меѓународни делегации, меѓу кои ќе бидат и претседателите на Италија, Франција и Германија.

Но, никој од овие политичари, дипломати, монарси нема ни да се приближи до микрофонот. Тие ќе бидат таму единствено за да слушаат. Годинава говорницата е резервирана само за оние кои ги преживеале ужасите на кампот.

Покрај преживеаните, единствените други обраќања ќе имаат претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд С. Лаудер, кој ги претставува главните донатори на споменикот, и историчарот Пјотр Цивињски, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау.

„Во центарот на вниманието ќе бидат сведоштвата на преживеаните – оние чии гласови сè уште одекнуваат како потсетник за ужасите од минатото и предупредување за иднината“, најавија од Музејот Аушвиц-Биркенау.

На комеморацијата пред историската порта на Аушвиц II-Биркенау се очекуваат само околу 50 поранешни затвореници, за разлика од околу 300 присутни преживеани пред една деценија и 1.000 – една деценија пред тоа.

– Оваа година ќе се фокусираме на преживеаните и нивната порака, изјави портпаролот на музејот во Аушвиц, Павел Савицки. – Нема да има говори на политичари, потенцираше портпаролот.

Овогодинешниот настан е „последниот каде што ќе имаме видлива група на преживеани со нас“, рече Савицки – И затоа е толку важно да се стави целото внимание на преживеаните. Сите знаеме дека за 10 години нема да биде можно да има голема група за 90-годишнината, рече Савицки, алудирајќи на возраста на преживеаните.

Преживеаните од кампот, во изминативе денови на повеќе настани организирани низ светот зборуваа за потребата да се зачува сеќавањето на она што се случи кога веќе нема да има живи сведоци. Тие, исто така, предупредија на зголемена омраза и антисемитизам во светот, а говореја и за нивните стравувања од повторување на историјата.

Аушвиц е местото во јужна Полска каде нацистичка Германија уби повеќе од еден милион луѓе, најголемиот дел од нив Евреи, но и Полјаци, Роми и Синти, советски воени заробеници, хомосексуалци и други што беа цел на елиминација според расната идеологија на Адолф Хитлер

Аушвиц, исто така, е врежан во колективната меморија на светот како олицетворение на сите злосторства на нацистите и пример за тоа до што може да доведат омразата, расизмот и антисемитизмот.

Една од причините што Аушвиц прерасна во водечки симбол на холокаустот и другите нацистички злосторства е тоа што тој беше и работен логор, па илјадници преживеаја – очевидци кои можеа да му кажат на светот што се случило таму.

Релативно многу луѓе преживеаја, што речиси не беше случај во други логори кои немаа компонента за принудна работа, појасни Томас Ван де Пут, научник специјализиран за културно и колективно сеќавање на холокаустот на Кралскиот колеџ во Лондон.

За преживеаните Евреи, денот на ослободувањето е многу, многу тажен ден, истакна Хави Драјфус, историчар на холокаустот на Универзитетот во Тел Авив во неодамнешната онлајн дискусија по повод годишнината.

Ева Сепеси (92) ќе присуствува на церемонијата во нацистичкиот концентрационен логор кој едвај го преживеала, и каде биле убиени нејзината мајка и брат. Сепеси, која пораснала во Словачка, а сега живее во Франкфурт, Германија, е една од последните преживеани.

Церемонијата се случува во време на широко распространета вознемиреност околу тоа дали знаењето за холокаустот се намалува со намалувањето на бројот на Евреи кои го преживеале. За Сепеси, пак, историјата не изгубила ништо од својата моќ.
– Аушвиц ќе остане со мене до последниот ден, последниот момент, потенцира таа.

Дел од преживеаните за Скај Њуз го изразија својот песимизам дека не се извлечени поуки од историјата. – Се надевам дека грешам, вели преживеаниот Ивор Перл. „Но, има една изрека дека ако некој не учи од историјата, проколнат е повторно да ја преживее“.

Ивор има речиси 93 години и му требало половина век за да се чувствува способен јавно да зборува за времето поминато во нацистичкиот концентрационен логор.
– Кога бев помлад си мислев во себе: „Стигнав на овој свет во страшно време, 1932 година, барем кога ќе го напуштам светот ќе биде на подобро место, вели тој. „Но, многу, многу се сомневам во тоа, вели Перл, додавајќи дека не гледа знаци дека светот ги научил лекциите од Втората светска војна.

Скај њуз во Центарот за преживеани од холокаустот во северен Лондон, управуван од организацијата за здравствена и социјална заштита Jewish Care разговарал со уште една преживеана од Аушвиц, Сузан Полак. – Сеќавањето на Аушвиц и возот за Аушвиц никогаш нема да избледат во мојот ум, вели таа.

Зборовите на преживеаните се очекува да ги слушнат илјадници луѓе кои ќе бидат присутни на комеморацијата, а милиони преку извештаите на стотици акредитирани новинари од целиот свет. Загреан шатор е поставен за учесниците околу злогласната порта на Аушвиц-Биркенау во близина на градот Освиечим (германски – Аушвиц) во јужна Полска, а на која стои натписот „Arbeit macht frei“ (Работата го ослободува човекот).