„Пред три децении, Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија формализираа партнерство засновано на доверба и заедничко почитување на демократските вредности. Оттогаш, заедно му покажавме на светот што може да се постигне со волја, компромис и трпелива решителност. И покажавме како изгледаат пријателството и соработката. Американските академски програми и размени ја овластуваат следната генерација претприемачи и граѓански лидери, додека американските инвестиции во Северна Македонија донесоа работни места, иновации и можности“, рече амбасадорката на САД во земјава, Ангела Агелер, на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, што се одржа во Клубот на претставници во Скопјe.
Агелер најави проширување на трговските врски, борба против корупцијата и модернизација на одбранбената соработка.
„Европската перспектива е клучна предност, САД им помогнаа на луѓето во Македонија да станат посилни, послободни и поуспешни“, нагласи на церемонијата министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Тој рече дека граѓаните се убедени дека Соединетите Американски Држави стојат покрај нас во секој момент.
На церемонијата присуствуваа претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри, пратеници, градоначалници, претставници на Американската амбасада, на Армијата, на бизнис заедницата и на верските заедници.