370 лица исчезнале во Македонија во последниве 4 години, по 35 се уште се трага – од нив 9 се деца

Последниве неколку години зачестија апелите за потрага по исчезнати лица во Македонија, а бројките на МВР го потврдуваат тоа. Некои од случаите завршуваат со среќен крај и пронаоѓање на лицето, но за жал има и такви кои завршуваат и фатално, таков беше случајот со малата Вања и Панче.

Поради тоа одлучивме малку да истражуваме на темава и да видиме колкав е бројот на исчезнати лица во Македонија од 2020 година па наваму.

Според податоците на МВР ОД 2020 до 2023, поточно до месец октомври 2023 година, до кога и имаат обработени податоци, на централно ниво исчезнати се 370 лица, а пронајдени се 335 лица, што значи дека по 35 лица се уште се трага.

Oд вкупниот број на исчезнати лица, една петтина биле деца, односно малолетни лица или по бројки 74 лица, од кои пронајдени се 65, додека по 9 се уште се трага. Тоа се деца чии родители дури и по четири години се во исчекување, дали некогаш повторно ќе го видат своето чедо.

Од МВР побаравме и одговор колку од пронајдените исчезнаtи лица се пронајдени живи, а колку починати, но за жал не добивме таква информација, па не можеме да шпекулираме дали најчестата причина за исчезнувањата во Македонија се убиствата и самоубиствата или пак бегањето од дома.

Најмалку пријави за исчезнати лица има во изминатата 2023 година (до крајот на октомври) кога исчезнале 59 лица, додека пак рекорден број на исчезнати лица имаме во 2021, кога исчезнале 126 лица. Најголем број на нерешени, или отворени случаи на исчезнати лица имаме во 2020 година, од кога потрагата трае за 12 лица.