Д-р Никол Цанг откри пет намирници што треба да ги јадете повеќе за време на летните горештини.
Рекордно високите температури оваа година потврдуваат дека климата се променила, а некои експерти велат дека кога индексот на топлина е висок, само водата не е доволна за хидрирање на телото .
– На високи температури, потребно е да се внесуваат и течности и минерали за да се регулира телесната температура и мускулната функција. Електролитите како натриум и калиум им помагаат на клетките да ја задржат водата, намалувајќи ја дехидрацијата, вели д-р Никол Цанг, лекар во „Серкл Медикал“.
Соодветната хидратација игра клучна улога во регулирањето на телесната температура, спречувањето на инфекции, елиминирањето на отпадот и подобрувањето на апсорпцијата на хранливи материи. Исто така е важна за оптимизирање на спиењето, когницијата и расположението, а студиите сугерираат дека соодветната хидратација ве прави подобра личност, пишува NY Post .
Со зголемувањето на температурата, потењето се зголемува, што доведува до губење на електролити.
– Потењето ги осиромашува есенцијалните минерали. Ако не ги надоместите, телото има тешкотии да ја одржи рамнотежата на течностите, рече таа.
Таа сподели пет намирници препорачани од лекарите за одржување на рамнотежата во телото.
Лубеница
Освен што помага во хидратацијата, лубеницата е и одличен извор на ликопен, кој ги зајакнува клетките. Исто така е богата со калиум, кој помага во регулирањето на рамнотежата на течностите и ја поддржува мускулната функција.
Без разлика дали се јаде ладна или блендирана, лубеницата е освежителен начин за враќање на енергијата.
Краставица
Со 96 проценти вода, краставиците имаат највисока содржина на вода од која било цврста храна и содржат антиинфламаторни супстанции кои можат да помогнат во намалувањето на температурата на телото и да ја поттикнат хидратацијата.
Спанаќ и кељ
Темнолистестиот зеленчук е богат со магнезиум, клучен електролит вклучен во хидратацијата, преносот на нервните импулси и регулирањето на температурата. Кељот и спанаќот се исто така одлични извори на витамини А, Ц и К, како и калциум.
За да ги внесете овие намирници, Цанг препорачува да додадете кељ или спанаќ во вашето смути или да ги комбинирате со преливи на база на цитрусни овошја.
Јогурт
Јогуртот содржи калциум и калиум. Цанг истакнува дека високата содржина на протеини во јогуртот помага во одржувањето на стабилни нивоа на енергија за време на топлотни бранови, додека пробиотиците го поддржуваат здравјето на дигестивниот систем.
Кокосова вода
Кокосовата вода содржи електролити кои помагаат во хидратацијата, како и антиоксиданси кои го поддржуваат имунолошкиот систем и му помагаат на телото да се бори против оксидативниот стрес.
„Честопати нарекувана природен спортски пијалок, кокосовата вода природно содржи калиум, натриум и магнезиум, што ја прави идеална за рехидратација по потење“, рече Цанг.
Предупредувачки знаци на дехидратација
Симптомите на дехидратација вклучуваат:
- Сува уста
- Вртоглавица или чувство на лесно губење на свеста
- Замор или раздразливост
- Темна урина или ретко мокрење
Овие симптоми можат брзо да се влошат при топло време, што може да доведе до посериозни знаци, како што се конфузија, забрзан срцев ритам или несвестица. Доколку ги почувствувате овие симптоми, веднаш побарајте медицинска помош.
Како да се спречи дехидрација?
За да се спречи дехидрација во текот на летните месеци, Никол препорачува пиење мали голтки вода во текот на денот и комбинирање со хидратантна храна за да се подобри задржувањето на течности.
Исто така, се советува луѓето да го ограничат внесувањето солени грицки и да избегнуваат пијалоци со кофеин и алкохол, бидејќи тие можат да го зголемат губењето на течности. Одржувајте ги летните оброци лесни и освежителни, со акцент на овошје и зеленчук.