72 пациенти од пожарот во Кочани се лекуваат во странство

Во текот на вчерашниот ден, според информациите од Министерство за здравство пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа на Клиничкиот центар во Скопје – 52 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти, Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти, Клиника за токсикологија – 10 пациенти, Аџибадем Систина – 7 пациенти.

Надвор од државата во текот на вчерашниот ден на лекување биле упатени 21 пациент и тоа во Литванија – 4 пациенти, Австрија – 2 пациенти, Словенија – 2 пациенти, Република Србија – 12 пациенти и Република Бугарија – 1 пациент.

Министерот за здравство Арбен Таравари вчера информираше дека пациентите генерално се во стабилна состојба, освен 20 пациенти, за кои рече дека се во критична состојба, притоа, нагласи дека сите пациенти кои биле во Кочани и Штип, се сместени во Скопје за третман на ниво на терцијарно здравство.

Министерот испрати апел до сите оние кои присуствувале на трагичниот настан во Кочани каде загинаа 59 лица, и не се пријавиле на лекар, да се пријават кај нивните матични лекари во болниците во Кочани или Штип, или пак во трите болници во Скопје.

Околу 15 специјалисти од Белград и од Чешка нагласи дека се пристигнати во државава да помогнат за лекување на повредените во катастрофалниот пожар, а очекува да пристигнат и специјалисти од Израел кои ќе бидат распоредени по клиниките каде има потреба.

Од пациентите кои се во критична состојба, во текот на вчерашниот ден Таравари рече дека четворица ќе бидат испратени во Словенија, четворица во Хрватска, шестмина во Австрија и 12 во Србија.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, пак, вчера соопшти дека 51 лице од повредените во пожарот во Кочани се лекуваат во странство. Деветмина пациенти биле испратени во Турција – шестмина во Анкара, а тројца во Истанбул, во Бугарија – 14, од кои осуммина во Софија, а по тројца во Варна и Пловдив, петмина пациенти во Грција, 17 пациенти во Србија, четворица во Литванија кои биле транспортирани со авион обезбеден од Романија и двајца пациенти во Унгарија.

Во секоја земја каде се испратени пациентите, додаде Муцунски, во МНРНТ има определено контакт лице кое е достапно 24 часа за родителите и пациентите за каква било помош или поддршка, а контакт листата е јавно објавена на веб страницата на Министерството. Тој најави дека ќе предложи од страна на СОЗР да бидат покриени трошоците за пат и престој во странство за членови на семејствата на македонските пациенти што се лекуваат во странство.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, дванаесетте повредени лица вчера биле префлени со воен авион на српската армија. Четворица од нив се на Воено-медицинската академија во Белград, односно три девојки и едно момче, кои според првичните сознанија се во стабилна состојба и префрлени се Клиниката за пластична хирургија, а останатите се префрлени во Ургентниот центар во Белград.

Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, претходно изјави дека 17 пациенти од земјава се згрижени во четири здравствени домови во Србија, односно Клиничкиот центар на Србија, ВМА, Воената болница во Ниш и Клиничкиот центар Ниш, нагласувајќи дека Србија ќе направи се за да им помогне на повредените, но повредите се исклучително сериозни.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, пак, при вчерашната посета на повредените кои се на лекување во Универзитетскиот клинички центар на Србија, рече дека во здравствените установи во државата ќе примат вкупно 29 повредени лица.

Дописничката на МИА од Атина, вчера информираше дека со авион Ц-27 на грчкото воено воздухопловство од Скопје во Атина се пренесени тројца повредени кои ќе се лекуваат во грчката престолнина и според информациите,

Според информациите, транспортниот авион со медицински персонал на службата за итна помош вчера полетал од атинскиот воен аеродром за Скопје и откако ги зел повредените веднаш се вратил во Атина.

Повредените се хоспитализирани во Општата воена болница 401, каде што има Оддел за повредени со изгореници. Во две болници во Солун, во општата болница Папаниколау и воената болница 424 веќе се на лекување пет лица кои во пожарот се здобиле со изгореници.

Портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство Ева Хрнчирова, вчера изјави дека Европската унија ја покажува својата солидарност по трагичниот пожар во Кочани и одговори на барањето на Северна Македонија за активирање на Механизмот за цивилна заштита.

– Ние веднаш реагиравме и понудивме да евакуираме пациенти со тешки изгореници. Девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Луксембург, Унгарија и Норвешка, веднаш понудија помош, а би можела да следи и дополнителна помош, изјави Хрнчирова.