79-годишен велешанец, првиот што отслужи казна домашен притвор со електронска нараквица

79-годишен маж од Велес е првото лице во Македонија кое е осудено на куќен притвор, а наскоро ќе биде и првиот што ќе ја издржи казната со електронска нараквица за глужд.

Информацијата ја потврдија од Дирекцијата за извршување санкции за „Фокус“, откако беа прашани дали е започната употребата на електронски нараквици.

„Првото решение за куќен притвор го издаде Велешкиот суд. Станува збор за 79-годишен маж кој е осуден на 3 месеци куќен притвор. Тој побарал одложување на извршувањето на казната, но барањето било одбиено. По изготвувањето на индивидуалната програма од страна на службата за пробација, ќе биде инсталиран електронскиот уред за надзор“, објаснуваат од Дирекцијата за санкции.

Жителот од Велес е осуден за кривично дело по член 190-а, став 2 од Кривичниот законик – сексуално вознемирување.

Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, во мај годинава објави дека ќе се стави во функција употребата на електронски нараквици, со цел да се намали пренатрупаноста во затворите во земјата.

Според него, три категории осуденици можат да имаат корист од оваа мерка: постари и тешко болни лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и лица со попреченост.

Доколку осудениот го напушти назначениот периметар или се обиде да манипулира со уредот, нараквицата дава црвен сигнал, Управата контактира со осудениот или блиско лице, а доколку не реагираат, се известува полицијата.

Пандов додаде дека еден осуденик ја чини државата над 2.000 денари дневно, додека новиот систем ќе помогне во намалувањето на трошоците и пренатрупаноста во затворите.