9719 слободни места на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“

На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопјe, денес и утре се одржува првото уписување за прием во прва година универзитетски студии за академската 2025/2026 година.

Според Конкурсот на УКИМ, на 23-те факултети што се дел од овој универзитет, има вкупно 9.719 слободни места. Од нив, 4.683 се за редовни студенти на државна квота, 4.081 места за редовни студенти со кофинансирање на студиите и 955 за вонредни студенти.

Како и во претходните години, најмногу слободни места има за запишување на студиски програми на Факултетот за информатика и компјутерско инженерство – ФИНКИ (1020), Природно-математичкиот факултет (910), Филозофскиот факултет (880), Филолошкиот факултет (810), Медицинскиот факултет (760), Економскиот факултет (700), Правниот факултет (610), како и Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ (590).

Редовните студенти финансирани од државниот буџет ќе плаќаат партиципација од 200 евра, додека оние со кофинансирање и вонредните студенти ќе плаќаат по 400 евра.