Кинескиот интернет-гигант „Alibaba“ избриша 20 милијарди долари од својата пазарна капитализација откако објави дека повеќе не планира да се одвојува и да го става својот бизнис во облак компјутери, пишува „CNBC“.
Компанијата, која се натпреварува со американскиот технолошки гигант „Amazon“, во петокот откри дека го укинала спин-офот на „Cloud Intelligence Group“. Како причина ги наведува американските извозни ограничувања на напредни чипови.
„Alibaba“ рече дека ограничувањата создадоа пречки за изгледите на „Cloud Intelligence Group“, која се натпреварува со веб-услугите на „Amazon“, „Microsoft Azure“ и „Google Cloud Platform“.
„Наместо тоа, ќе се фокусираме на развој на модел за одржлив раст заснован на новонастанатата побарувачка поврзана со вештачката интелигенција за мрежни и високо скалабилни облак услуги“, им рече на инвеститорите извршниот директор на „Alibaba“, Џо Цаи.
Пазарната капитализација на „Alibaba“ беше 1,65 трилиони хонгконгшки долари на затворањето на тргувањето во Хонг Конг (211,6 милијарди американски долари). Во петокот потона на 1,49 трилиони хонгконгшки долари.
Тоа е еднакво на пазарна капирализација од 21,1 милијарди долари, според пресметките на „CNBC“ врз основа на податоците на „FactSet“.
Акциите на „Alibaba“ на берзата во САД се тргуваа со пад за околу 4% во претпазарното тргување во петокот, продолжувајќи го падот од 9% во четвртокот.
Инвеститорите се надеваа на раздвојување на облак бизнисот на „Alibaba“ што би можел да добие поголема проценка. Во март, аналитичарите предвидуваа дека „Cloud Intelligence Group“ ќе вреди меѓу 41 и 60 милијарди долари, напиша „Reuters“.
Сепак, коментаторите на пазарот предупредија дека огласот може да го привлече гневот на регулаторите и во Кина и во странство, со оглед на обемот на податоци со кои управува единицата.