Apple ќе ја прослави 20-годишнината од претставувањето на првиот iPhone во 2027 година, а наводно подготвува два нови модели за таа пригода.
„Блумберг“ пишува дека компанијата од Купертино ќе го претстави првиот преклопен iPhone во историјата, но и „претежно закривен iPhone со стакло“. Apple ги гледа претстојните уреди како влез на iPhone во нова ера, нешто слично на трансформативниот ефект што го имаше iPhone X во 2017 година.
Се верува дека преклопливиот iPhone е еден од двата клучни проекти што се подготвуваат за годишнината. Извештаите велат дека пристапот на Apple кон преклопливиот формат се издвојува благодарение на речиси незабележливата превитка на внатрешниот екран. Патем, наборите се проблем кај сегашните преклопни паметни телефони.
Овој уред ќе има „дизајн на книга“, надворешен екран со димензии помеѓу 5,5 и 5,7 инчи, како и главен екран со димензии помеѓу 7,7 и 8 инчи. Кога е затворен, дебелината на уредот би можела да биде помеѓу 9 и 9,5 инчи, додека неговата шарка ќе биде изработена од комбинација од не’рѓосувачки челик и титаниум за подобрена издржливост.
Заедно со овој модел, се очекува и „закривен iPhone направен претежно од стакло“, кој нема да има исечоци на екранот. Овој футуристички дизајн треба да му оддаде почит на iPhone X, кој всушност е првиот уред со интерфејс на цел екран, базиран на допир. Токму iPhone X означи голема промена во дизајнот во оваа линија на производи. Овој модел би требало да има врвна технологија на екранот, што ќе му овозможи на Apple да ја „скрие“ предната камера и Face ID сензорите под екранот.
Неодамна се појавија информации за патент на Apple, кој алудира на напредок во технологијата на камери поставени под екранот со поддршка за системот Face ID. Патентот опишува екран со селективно отстранети подпиксели за подобрување на преносот на светлината до сензорот под екранот, што е особено важно за инфрацрвената светлина, која ја користи системот за препознавање лица на Apple. Претходните обиди за овој пристап имаа проблеми со преносот на инфрацрвена светлина.
Покрај тоа, Apple работи и на паметни очила, кои ќе му конкурираат на моделот Ray-Ban на Meta, а овој уред би можел да се појави и во 2027 година. Други долгорочни проекти вклучуваат преклопен iPad и роботски уред за десктоп, кои не се очекуваат пред 2028 година.