Според нов извештај наводно базиран на интерен развоен код на Apple, компанијата од Купертино истражува начини за воведување на технологијата Touch ID (сензор за отпечатоци од прсти) во своите паметни часовници.
Touch ID се очекува во часовниците веќе следната година, веројатно со доаѓањето на моделот Apple Watch Ultra 4. Споменатиот код конкретно се однесува на „AppleMesa“, што долго време е внатрешно кодно име на компанијата за Touch ID.
Со оглед на тоа што кодот се користи само интерно, идејата веројатно е сè уште во фаза на прототип, па затоа е јасно дека часовниците што ќе пристигнат оваа година нема да имаат Touch ID.
Ако некој се прашува каде Apple би поставил сензор за отпечатоци од прсти во часовник, одговорот е едноставен. Само погледнете ги паметните телефони. Сензорот ќе биде интегриран во копчето или во екранот. Во минатото се шпекулираше за оптички сензор во екранот, но можно е и решение во копчето.
Минатата недела, гласините сугерираа дека часовниците на Apple ќе претрпат голем редизајн следната година, што би можело да вклучи и Touch ID. Идните модели би можеле да добијат и нов процесор.