„Секоја вечер Струга мириса на запалена депонија! Дишеме отрови, а институциите молчат“, вели струшкиот адвокат и граѓански активист, Глигорие Ќатоски, којшто изминатиот период тропнал на повеќе врати со барање одговор, но и конкретни мерки од институциите во Македонија против загадувањето во градот во којшто живее и работи.
„Поднесовме и писмена пријава во Општина Струга, МВР и Државниот инспекторат за животна средина, со која баравме да се утврди кој е точно изворот на загадувањето – дали е предизвикано од човечки фактор или атмосферски влијанија и кои конкретни мерки се планира да бидат преземени од страна на надлежните“, вели тој за ДВ, потенцирајќи дека жителите во градот на Дрим заслужуваат да дишат чист воздух.
Ѕид на игнорирање
Ова не е прв аларм за загадувањето во градот, каде изминатиот период се бараше чаре или од чадот на дивата депонија, или од палењето на трските, или пак од пожари во планинските места.
Граѓаните постојано алармираат, но велат дека наидуваат на ѕид на игнорирање, не само од општината, туку и од надлежните органи, како Министерството за животна средина.
„Буквално недостасува свест и чувство на одговорност, но и непознавање на законот, бидејќи согласно одредбите од Законот за управување со отпад и за животна средина има едно многу битно начело – на претпазливост, каде што во случај кога надлежните органи се соочуваат со некакво загадување, а недостасуваат научни податоци за тоа колкаво е, се претпоставува дека се работи за загадување коешто е надвор од границите и коешто треба да се преземат соодветни мерки“, вели Ќатоски.
Се бара спас од Стразбур
Но, и покрај реакциите на граѓаните, депонијата во Струга и понатаму чади. Македонското здружение на млади правници (МЗМП) поднесе граѓанска тужба во 2021 година против три институции за загадувањето од депонијата во Струга, но македонските судови се прогласија за ненадлежни.
Но, Судот во Стразбур се заинтересира за случајот. Тој во август годинава ја прифати тужбата и веќе за шест месеци се очекува и одлука.
Со тужбата се бараше да се превенира понатамошно загадување на животната средина од страна на струшката депонија, да се спречи понатамошно трупање на смет, да се изврши деконтаминација на просторот поради негативните и штетни последици за здравјето и животот на граѓаните. Покрај дислокација на депонијата се бараше и утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на живот и правото на приватност на домот.
Ова значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонија која се наоѓа на само 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на 2 километри од Охридското Езеро, коешто е светско природно наследство.
„Ова се последните надежи за борба за заштита на животната средина. Стразбур е последната надеж дека конечно некој суд ќе ја преземе надлежноста во свои раце и ќе донесе соодветна одлука како и што треба да направиме за да се заштитиме од вакво загадување“, вели нашиот соговорник.
Доколку се утврди повреда на правата за заштита согласно Европската конвенција, Ќатоски смета дека ќе се овозможи повторување на постапката во случи кога македонските судови се повикале на ненадлежност.
„Целата постапка во Стразбур ќе биде насока како нашите судови ќе треба да одлучуваат во ваква постапка. Стразбур ќе треба да го скрши ледот за остварување на еколошка правда во Македонија“, вели соговорникот на ДВ.
Досега имаше постапки за воздухот, но ова е прва еколошка тужба од Македонија пред Судот во Стразбур.
Секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во земјата е поврзан со загадениот воздух. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови. Институциите имаат извештаи за пораст на број на респираторни болести низ годините, но тие не даваат насока која би била причината за тоа.