Неформалните работници во Македонија сочинуват 11. 8% од вкупно вработените лица, но половина од нив се концентрирани во земјоделството, од кои доминантен дел се неплатени семејни работници.
Други два важни сектори за неформалните работници се градежништво и трговија.
Тие обично работат во мали фирми, функционирајќи како самовработени лица или неплатени членови на семејството, често заработувајќи плата под минималната.
Овој вид работници претежно се мажи со низок степен на образование, освен кај неплатените семејни работници кадешто доминираат жени.
Овие податоци се содржани во студијата „ Грануларно испитување на неформалната економија во Северна Македонија: Увид во неформалните работници, непријавената работа и нецелосното пријавување на доходот во домаќинствата“, на Finance Think – Институтот за економски истражувања и политики.
Студија се фокусира врз два аспекти, и тоа непријавената работа и нецелосното прикажување на доходот кај домаќинствата.
Притоа, се посочува дека непријавената работа се јавува во две форми: целосно непријавена работа како неформални работници или популарно „работници на црно“, и нецелосно пријавена работа, односно формални работници кај кои дел од доходот или некој друг аспект не се формализирани и чија најчеста форма е „плата во плико“, односно надополнување на формално-примената плата со плата исплатена во готовина.
Проценките покажуваат дека нецелосно пријавената работа е далеку позначајна и пообемна отколку целосно непријавените работници. Таа претставува 21. 1 процент од вкупниот инпут на труд или 69.7 милијарди денари од бруто додадената вредност (БДВ). Тоа се, околу 250 милиони евра изгубен годишен приход во буџет, само по таа основа.
Распространета е низ разни сектори, со најголем обем во апсолутна смисла во преработувачката индустрија.
Наодите укажуваат на разни манифестации на непријавената работа низ секторите, во преработувачката индустрија главно како „плата во плико“.
Што се однесува до нецелосно пријавените приходи во домаќинствата, анализата истакнува драматични разлики меѓу видовите приходи. Вкупно, 9.7 милијарди денари (158 милиони евра) остануваат непријавени. Приходите од вработување имаат минимална улога, со само 3. 7 проценти непријавени приходи, но во апсолутна смисла околу 6.8 милијарди денари (111 милиони евра). Во релативна смисла назнајчајни се приходите од изнајмување (кирии) со стапка на непријавување од 70. 4 проценти, што еднакво на 300 милиони денари (4.9 милиони евра). Непријавените приходи од самовработување се проценети на износ од 7. 8 проценти, 2. 6 милијарди денари (42. 3 милиони евра).
Наодите ја нагласуваат потребата од сеопфатен пристап на политиките, приспособен да одговори на различните аспекти на неформалната економија во Северна Македонија.
Усогласувањето на политиките со структурната динамика на непријавената работа е од клучно значење.
Во секторите како што се трговијата на големо, трговијата на мало и поправка на возила, олеснувањето на започнувањето бизнис преку насочени иницијативи, како што се специјализирани програми за финансиска помош и бизнис поддршка, би можело ефективно да промовира формализирање.
Спротивно на тоа, секторите како преработувачка индустрија и градежништвото бараат строг мониторинг за да се справат со нецелосно декларираните плати, што бара координирани напори од Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи.
Дополнително, насочените интервенции, вклучително и засилено следење на приходите од вработување и едукативни кампањи за различни групи приходи, се од витално значење за да се намали недоволното пријавување на приходите и да се зајакне даночната основа.
Истражувањето користеше податоци од Анкетата за работна сила и од структурните деловни статистики, надополнети со податоци од Анкетата за приходи и услови на живеење, сите од официјалната статистика на Државниот завод за статистика.
Употребен е Методот на трудов инпут за да се измери степенот на недекларирана работа и пристапот заснован на потрошувачка за да се измерат нецелосно пријавените приходи.
Неформалните работници се опишани врз основа на нивната самоидентификација во АРС, наведуваат од Finance Think.