Американскиот федерален суд му наложи на Google да плати 425,7 милиони долари за нелегално шпионирање на паметните телефони на луѓето речиси една деценија.
Пресудата, донесена во среда во федералниот суд во Сан Франциско, уследи по повеќе од две недели судење во групна тужба во која се вклучени околу 98 милиони паметни телефони во Соединетите Американски Држави помеѓу 1 јули 2016 година и 23 септември 2024 година, објави Ројтерс.
Ова значи дека вкупната отштета досудена во петгодишниот случај е околу четири долари по уред.
Гугл негираше дека неправилно ги следел онлајн активностите на луѓето кои сметале дека се заштитени со контролите за приватност.
Компанијата стоеше зад својот став, иако осумчлена порота заклучи дека Гугл ги шпионирал корисниците, кршејќи ги законите за приватност на Калифорнија.
„Оваа одлука погрешно го разбира начинот на кој функционираат нашите производи и ние ќе поднесеме жалба“, изјави денес портпаролот Хозе Кастанеда.
Тој додаде дека алатките за приватност на Google им даваат на луѓето контрола врз нивните податоци. „И кога ќе ја исклучат персонализацијата, ние го почитуваме тој избор“, рече Кастанеда.
Шпионирање за реклами
Адвокатите кои ја поднесоа тужбата тврдеа дека Гугл ги користел податоците што ги собрал од паметни телефони без дозвола од корисниците за да продава реклами прилагодени на нивните индивидуални интереси.
Таа стратегија резултираше со милијарди долари дополнителни приходи за компанијата. Адвокатите ја окарактеризираа продажбата на реклами како нелегално профитирање и тврдеа дека заслужува отштета од над 30 милијарди долари.
Иако поротата донесе далеку пониска проценка на штетата, еден од адвокатите кои ја поднесоа тужбата против Google го поздрави исходот како победа за приватноста.