Google ги брише сметките на Gmail: Како да се уверите дека вашата не е меѓу нив

Google објави дека брише одредени сметки на Gmail, а еве што треба да направите за да не ви се случи тоа.

Како што најави технолошкиот гигант, почнувајќи од 20 септември, цел ќе бидат сите оние сметки кои не се активни, а нивните „сопственици“ би можеле да го изгубат пристапот до е-пошта, слики и документи (односно, Gmail, Docs и Photos содржината).

Во официјалното соопштение, потпретседателката за управување со производи на компанијата, Рут Кричел, даде детални објаснувања за тоа кога ќе стапи на сила оваа одлука, како и што треба да се направи за сметката да не се смета за „неактивна“.

Според неа, неактивни сметки се оние кои воопшто не биле користени во изминатите две години, а причина за нивното бришење е пред се грижата за безбедноста на корисниците. Старите сметки лесно се хакираат, објасни таа.

Ако имате повеќе сметки, треба да направите една од следните три работи на секоја од нив: да читате или праќате е-пошта, да споделувате фотографии или да гледате YouTube додека сте најавени на вашата сметка на Google или доволно е да користите Google Drive или Google Search.

Ако направите нешто од горенаведеното, Google ја смета вашата сметка за активна и нема да ја избрише, а не мора постојано да го правите тоа – доволно е еднаш годишно.