Голем број граѓани корисници на времена инвалидска пензија се соочуваат со проблем во моментот кога при контролен преглед надлежната комисија ќе оцени дека се работоспособни. Во тој момент тие остануваат без егзистенција, односно и без пензија и без плата.
На лицето кога ќе добие решение за времена инвалидска пензија му престанува работниот однос и работодавачот врши негово одјавување од работа. Воедно, тој е задолжен да оди на контролен преглед пред Комисија за оцена на работната способност. Меѓутоа по контролниот преглед, доколку Комисијата даде негативен наод и мислење на лицето му се укинува времена инвалидска пензија и се задолжува да ги врати исплатените парични средства.
Поради зачестените поплаки на граѓаните во однос на остварувањето на правото на инвалидска пензија, поточно проблемите што се јавуваат со одобрената времена инвалидска пензија и промената на состојбите по контролниот преглед, Народниот правобранител по сопствена иницијатива за овој проблем има алармирано во два наврати до Владата и до надлежното Министерство за труд и социјална политика.
Меѓутоа, како што велат од Канцеларијата на Народниот правобранител за МИА и по три години од нивното укажување се уште не е постапено и не е изменет Законот за работни односи со цел да се надмине проблемот.
Излезот од оваа ситуација, Народниот правобранител ја гледа во можноста за создавање дополнителен основ за мирување на работниот однос во Законот за работните односи, во случај кога на работникот му се исплатува времена инвалидска пензија, до донесувањето на решение по контролниот преглед.
Имајќи го предвид фактот дека во тек е подготовка на нов Закон за работни односи во кој се содржани и одредби за мирување на работниот однос по различни основи Народниот правобранител препорачува да се разгледа прашањето со времените инвалидски пензии и последиците кои се јавуваат кога истите ќе се укинат, а граѓаните кои веќе се одјавени од работа остануваат без никаква егзистенција со што се создава состојба на социјални случаи.
Поради ова, според Народниот правобранител, оправдано е да се создаде правен основ кој ќе ги заштити правата на граѓаните.
Од Министерството за труд и социјална политика на прашањето на МИА дадоа кус одговор во кој велат дека ќе го земат предвид ова прашање и ќе стапат во контакт со надлежните институции, односно со Министерството за здравство, Фондот за здравство, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со цел изнаоѓање соодветни решенија.