Амстердам или музеј на отворено, град со богато историско наследство од 17ти век, необични градби, тесни фасади во различни бои, 1.500 мостови, безброј канали, чамци кои постојано пловат…

Ова високо организирано кралство, со кое долго време владеат жени, не без причина е место каде се собираат туристи од целиот свет, но и имигранти од различни народи и во сите бои, кои и даваат посебен печат на земјата, која во најголем дел е на височина под нивото на морето.

Амстердам е еден од ретките градови во Европа каде најмалку ќе се чувствувате како странец, бидејќи таму живеат повеќе од 180 нации. Во градот има повеќе од педесет музеи, од кои најпопуларни се Stedelijk или попознат како музејот на современа уметност, музејот Van Gogh каде што постојано има изложби, музејот на восочни фигури Tiso, и оригиналната пиварница на едно од најпознатите пива во светот, Хајнекен. Во Амстердам несомнено ќе најдете музеј кој ќе ги задоволи вашите вкусови.

Ноќниот живот во Амстердам е вистински предизвик. Има повеќе од педесет кина и театри, каде што се изведуваат претстави и на англиски јазик, а концерти на класична музика често се изведуваат во прекрасни, осветлени паркови.

Идеално место за прошетка е покрај реката Амстел. За вечерна забава, посетете ги баровите во делот на градот наречен Јордан. А дефинитивно една од локациите која што треба да ја посетите кога сте во овој град е и стадионот на фудбалскиот клуб Ајакс.