Потенцијалната вакцина од Универзитетот во Оксфорд, која има договор за лиценца со АстраЗанека, е во доцна фаза на тестирање.

Британската разузнавачка служба работи на заштита на тестирањето на вакцината за ковид-19 од непријателските сили кои се обидуваат да го украдат или саботираат истражувањето, изјави директорот на МИ5.

Потенцијалната вакцина од Универзитетот во Оксфорд, која има договор за лиценца со АстраЗанека, е во доцна фаза на тестирање, а вакцината што ја развива Империјал колеџ во Лондон е во рана фаза на клинички испитувања.

Јасно е дека глобалните придобивки за првата употреблива вакцина против овој смртоносен вирус се големи, така што можеме да очекуваме дека многу актери ширум светот ќе бидат доста заинтересирани за ова истражување, изјави за новинарите генералниот директор за безбедност Кен Мекалум.

Во својата прва изјава откако беше назначен за нов шеф на МИ5 во март, додека Велика Британија беше во национален карантин, Мекалум рече дека има многу закани додека се работи на новата вакцина.

Тој посочи на две опасности, „обиди да се украде единствената интелектуална сопственост генерирана во тоа истражување или потенцијално неовластено подметнување податоци“, рече тој.

Друг ризик за кој мора да бидеме свесни е можноста некој да се обиде да посее сомнеж во интегритетот на истражувањето, посочи тој.

Британскиот национален центар за сајбер безбедност (НЦСЦ) во јули објави дека хакери, со поддршка на руската држава, се обидуваат да ја украдат вакцината за ковид-19 и процедурите за истражување од академските и фармацевтските институции ширум светот.

Според Светската здравствена организација, повеќе од 150 потенцијални вакцини се развиваат и тестираат на глобално ниво за да се запре пандемијата со ковид-19, а 42 вакцини се тестираат на луѓе.

МИ5, основан во 1909 година како дел од военото разузнавање против германските шпиони во пресрет на Првата светска војна, има за задача да ја заштити британската национална безбедност.

Неговата главна задача е борба против меѓународниот тероризам, иако е исто така и контраразузнавачка агенција.