Европската Унија мора да биде подготвена да воведе дополнителни санкции кон Русија доколку ескалира ситуацијата во источна Украина и околу таа област, но истото важи и за белоруско-полската граница, изјави денеска германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел.

Таа на заедничката прес-конференција во Берлин со полскиот премиер, Матеуш Моравјецки изјави дека ЕУ мора да биде обединета по прашањето за употребата на мигрантите од страна на Белорусија како „оружје“ против Полска и распоредувањето на воени трупи од Русија во близина на нејзината граница со Украина.

Секоја натамошна агресија врз суверенитетот на Украина ќе сноси висока цена – изјави Меркел и додаде дека смирувањето на ситуацијата секогаш треба да биде пожелна опција.

Канцеларката во заминување изјави дека конфликтот во Украина мора да се реши со дијалог, а агресијата врз таа земја ќе бара заеднички одговор со Европската Унија.

Како што беше случајот со Белорусија, ние треба да покажеме европско единство за прашањето за дополнителни санкции кои би можеле да бидат воведени доколку не видиме напредок, прецизно изјави Меркел.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, изјави дека доколку кризата на полско-белоруската граница ескалира, Европската Унија мора да биде подготвена да воведе дополнителни санкции кон Минск.

Мораме да планираме понатамошни санкции, вклучително и за трговијата – изјави премиерот на Полска, Моравјецки.