Британскиот премиер Борис Џонсон објави дека се враќа целосното затворање на Англија за да се спречи ширењето на новиот вид на коронавирус кој е позаразен од првиот.

Новиот карантин, исто толку строг како и пролетниот, предвидува затворање на училиштата и треба да трае до средината на февруари, рече Џонсон во телевизискиот говор. Тој ги повика луѓето да останат дома повторно.

Мораме да одиме со ново затворање што е доволно строго за да се запре новиот вид на вирусот. Тоа значи дека владата повторно ви кажува да останете дома, рече премиерот.

Луѓето можат да ги напуштат своите домови само за да купат основни потреби, вежбање, медицински причини, да одат на работа, ако не можат да работат од дома и во случај на семејно насилство, пишува ДПА.

Мерките стапуваат на сила на вторник на полноќ и Џонсон ги повика луѓето веднаш да започнат со нивно спроведување.

Тој исто така истакна дека оние кои се наоѓаат во четирите приоритетни групи ќе ја примат првата доза на вакцината до средината на февруари.

Говорејќи од Даунинг стрит, тој најави дека неделите што ќе следат ќе бидат „најтешките досега“, но изрази уверување дека земјата влегува во „последната фаза од борбата“.

Шкотска веќе објави претходно дека карантин сличен на оној од март 2020 година ќе стапи на сила на полноќ и ќе трае до крајот на месецот за да се контролира бројот на инфекции со новата верзија на коронавирусот.

Треба да останете дома од полноќ до крајот на јануари“, рече премиерот Никола Старџен на прес-конференција, споменувајќи го „тешкиот удар“ на варијантата на вирусот што брзо се шири, објави новинската агенција Франс Прес.

Велс исто така ги затвори училишта за повеќето деца и млади, додека официјални лица од Северна Ирска се состануваат за да разговараат за новите мерки.

Во понеделникот, Велика Британија имаше повеќе од 50.000 нови случаи на коронавирус, седми ден по ред. Земјата е петта по бројот на заразени во светот од почетокот на пандемијата (повеќе од 2,7 милиони).