„Apple“ од неодамна работи на план кој ќе овозможи зголемување на производството на линијата „iPhone“ за 30 проценти. Според најновиот извештај на јапонскиот сајт „Nikkei“, „Apple“ планира да го зголеми производството на до 96 милиони единици во текот на првата половина од 2021-ва година.

Неименуван извор сугерира дека главниот фокус на компанијата од Купертино ќе биде производството на линијата „iPhone 12“, минатогодишниот „iPhone 11“, како и „iPhone SE“ моделот.

Засега не е познато дали „Apple“ се соочува со недостаток на компоненти, но се сугерира дека компанијата на ваков чекор се одлучила токму за да го спречи недостатокот на главните компонетнти со кои пазарот може да се соочи.

Извештајот исто така истакнува дека „Apple“ планира да произведе до 230 милиони „iPhone“ уреди во 2021-ва година, што претставува зголемување од околу 21 процент во однос на 2019-та. Нормално овој број не е фиксен, па така може да дојде до промена во плановите за производство во зависност од побарувачката на „iPhone“ на пазарот.