Италијанската полиција објави дека уапсила 30 лица осомничени дека припаѓале на нигериската криминална група Црна секира.

Сите уапсени се државјани на Нигерија, а апсењата беа извршени низ цела Италија. Осомничените се соочуваат со скоро 100 обвиненија, вклучувајќи злосторничко здружување, трговија со дрога, илегална имиграција, проституција и интернет измама, пренесува Ројтерс.

Меѓу приведените беше и наводниот водач на Црна секира во Италија, идентификуван само како 35-годишник кој живее во Италија.

Групата Црна секира се појави во Нигерија во 90-тите години на минатиот век, извршувајќи ритуални убиства, осакатувања и силувања пред да развие моќна меѓународна мрежа.

Полицијата соопшти дека повеќето злосторства за кои се товарат биле сторени преку Интернет, вклучително и користењето биткоин на темна мрежа за купување на бројни клонирани кредитни картички, кои биле користени за купување преку Интернет.

Министерот за внатрешни работи Лучијано Ламоргазе рече дека со ова апсење, Италија ја покажува својата решителност во борбата против организираниот криминал.

Ова ја докажува способноста на судството и полицијата да се борат против старите и новите мафијашки групи кои се обидуваат да ги прошират своите криминални достигнувања и нивниот бизнис, рече министерот Ламоргезе.