Денеска, во касарната „Илинден“ во Скопје, со присуство на највисокиот воен и државен врв, ќе се реализира воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Македонија во мисијата на НАТО во Косово – КФОР.

На Свеченоста пред припадниците од контингентот ќе се обратат претседателот и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во првата ротација во мисијата КФОР во Косово задачите ќе ги извршуваат вкупно 44 припадници на Армијата, составен од штабни офицери и вод за обезбедување, кои ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата и командата „Запад“.

Пред упатувањето во оваа мисија припадниците на Армијата поминаа низ потребниот процес на обука, подготовки и селекција, каде што се извежбуваа и обучуваа за изведување задачи што ги очекуваат за време на мисијата.

Активноста ќе се реализира во согласност со протоколите и преораките на Комисијата за заштита од заразни болести за бројот на учесниците, здравствено-безбедната организација и движењето, со обезбедено растојание и заштита.