Потпретседателот на клубот на пратеници на Социјалдемократската партија во хрватското Собрание, Арсен Баук побара Бугарија да престане со понижувачките барања кон Македонија.

И ние имавме проблеми со два од трите наши соседи кои беа членки на ЕУ, Италија и Словенија, но никој не го доведе во прашање нашиот идентитет, јазик и се друго, рече Арсен Баук, потпретседател на Клубот на пратениците на Социјалдемократската партија во Хрватска.

За жал пристапувањето на Северна Македонија, односно Македонија во Европската Унија според мене е пример како тие работи и во 21 век се доведуваат во прашање. Најпрво од Грција поради името, знамето итн. А потоа и од страна на Бугарија поради јазикот, таканаречената заедничка историја и слично на тоа. Очигледно Балканот не е исчистен од тие контроверзи, вели тој.

Инаку, Баук беше дел од кабинетот на поранешниот хрватски премиер, а сега Претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ.

Како досегашен раководител на групата за пријателство со Макединија, во рамки на одборот за меѓупарламентарна соработка, нешто повеќе сум запознат со таа состојба и навистина се работи за нешто каде ние би требало афирмативно да зборуваме за пристапувањето на Македонија во ЕУ, посебно кога мораше да чека десетина години за влегување во НАТО поради името што сега е решено, вели Баук во својот петминутен настап во хрватското Собрание.

За што станува збор? Дел од бугарската владеачка коалиција инсистира на тоа Македонија да признае дека имаат заедничка историја. Дека имаат бугарски корени на својот јазик. Од спомен плочите на нашата заедничка антифашистичка борба да се избрише дека тогаш Бугарите биле окупатори и уште дека биле фашистички окупатори, вели тој.

Според Баук, затоа треба да се поддржи влегувањето на Македонија во ЕУ и дека треба јасно да се каже дека тие прашања како што се идентитетот, јазикот, државата, границите итн. не можат да бидат тема за дискусија и дека едноставно таа приказна треба да се затвори.

Се надевам дека хрватската влада би можела да делува на бугарските колеги да ја спуштат топката на земја, да не инсистираат на тие работи бидејќи тоа е еден вид на понижување. Да бидеме искрени, ако вие на некого му оспорувате да се нарекува како сака и ако барате да признае дека сте имале заедничка историја, замислите Германците да барале од Австријанците да признаат дека биле поранешни Германци. Не оди тоа така.

Во таа смисла сакам Хрватска афирмативно да пристапи кон приемот на Македонија во ЕУ.

"Ние треба да се залагаме Македонија да влезе во ЕУ. Хрватската Влада треба да делува на своите бугарски колеги да ја спуштат топката"-Арсен Баук, пратеник во Собранието на Република Хрватска

Posted by Tanja Tomic on Wednesday, November 11, 2020