Според последните потези на Вашингтон, Америка се враќа на Балканот, и тоа во голем стил.

Судејќи според петтте личности кои претседателот на САД, Џо Бајден, ги делегираше да се справат со балканските земји во наредниот период, Вашингтон има многу сериозни намери во оваа област во наредниот период.

Габриел Ескобар ќе го замени Метју Палмер како специјален преставник на Стејт департментот за регионот на Западен Балкан.

Кога изби кризата меѓу Белград и Приштина, поради воведување на реципроцитет за регистарски таблички, тој веднаш замина за Брисел и таму учествуваше во склучување договори и отстранување на барикадите од административните премини.

Бајден го предложи Кристофер Хил за амбасадор во Србија. Неговото доаѓање се очекува следната година.

Тој беше клучен соработник на Ричард Холбрук, член на неговиот тим и учесник во преговорите во Дејтон и Рамбује. Ја договараше времената спогодба меѓу Македонија и Грција 1995 година. Беше амбасадор во Македонија, Албанија, Полска, Северна Кореа и Ирак. Голем тешкаш во дипломатијата.

Џефри Ховениер ќе биде амбасадор во Приштина. Тој е специјалист за Балканот, а во Косово ќе дојде од Турција, каде што во моментов е заменик -шеф на мисијата во Амбасадата на Америка.

На таа позиција беше Џес Бејли пред да дојде да биде амбасадор на САД во Македонија.

Тој беше учесник во преговорите во Рамбује, член на тимот на Марти Ахтисари.

Во 2018 година, тој доби медал од Хашим Тачи по повод десетгодишнината од самопрогласувањето независност на Косово.

Мајкл Марфи е новиот американски амбасадор во Босна и Херцеговина, тој е ветеран на Стејт департментот и има 29-годишно искуство во меѓународната политика. Тој во моментов е на функцијата заменик -помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Џејмс О’Брајан, кој е номиниран како координатор за политиката за санкции на Стејт департментот, исто така ќе се занимава со Балканот. Тој се смета за клучен Американец во изготвувањето на Дејтонскиот мировен договор. Од 1989 до 2001 година, тој беше виш советник на државниот секретар Медлин Олбрајт и претседателски пратеник за Балканот.

Во владите на Клинтон (од 1993 до 2001 година), тој работеше во Стејт департментот, со фокус на поранешна Југославија и воените злосторства, додека во мандатот на Барак Обама работеше во Белата куќа. Моментално е потпретседател на меѓународната советодавна група Олбрајт Стоунбриџ.