Бајден ги заострува законите за оние што сакаат да купат „импровизирани оружја“, односно што се прават во домашни услови најчесто од составни делови на други оружја и не располагаат со сериски броеви за нивно следење. Американското министерство за правда ќе претстави закон за контрола на ова оружје во рок од 30 дена, иако деталите од предлог-законот не беа изложени. Вториот предлог-закон, кој се очекува да биде донесен за 60 дена, ќе ја заостри регулативата околу стабилизаторите за оружје како во случајот од минатиот месец со масовното пукање во Боулдер, Колорадо, во кое загинаа 10 лица. Со овој закон, пиштолите што користат стабилизатор ќе се сметаат за пушки со кратка цевка за кои е потребна законска дозвола и подлежат на детален процес за издавање на истата таа, како и на данок од 200 долари.


Министерството исто така работи на предлог-закони што ќе се донесат во рок од 60 дена, кои ќе им олеснат на сојузните држави да усвојат сопствени закони за оружје. Таквите закони ќе им овозможат на поединци да побараат од судот да ѝ наложи на полицијата да конфискува оружје од лице што се смета за закана по средината. Министерството исто така ќе почне да собира повеќе податоци за следење на нелегалната трговија со оружје, почнувајќи со нов сеопфатен извештај. Администрацијата вели дека на таков извештај не се работело повеќе од две децении.