Полициските структури на БиХ имаат информации дека Брано Миќуновиќ организирал кражба на неколку стотици килограми кокаин во Валенсија (Шпанија) во 2014 година, со цел да предизвика конфликт и раскол меѓу шкаљарскиот и кавачкиот клан, се тврди во извештајот (досието) за Миќуновиќ, составено од црногорската служба.

Според наводите во тој документ, Брано Миќуновиќ ја започнал оваа операција поради неможноста да се изврши контрола врз активностите на которскиот клан, кој дотогаш дејствувал единствено, а по овој настан бил поделен на кавачки и шкаљарски клан. Во нивната војна досега се убиени повеќе од 50 лица.

Дека оваа верзија е веродостојна, сведочи и фактот што понатаму се споменува во тој извештај дека Миќуновиќ одржува блиски контакти со Давор Трајковиќ од Врање, кој бил директен извршител на кражбата, односно тој го има пренесено кокаинот во станот на Горан Радоман во Валенсија.

Потоа истиот Трајковиќ кој ја украл и однел дрогата во Валенсија, Миќуновиќ го криел под покровителство на руската мафија.

Оперативните информации покажуваат дека Миќуновиќ во претходниот период логистички и финансиски го поддржувал кавачкиот клан, се наведува во документот.

Според документот на црногорската служба, Брано Миќуновиќ има развиена мрежа низ целиот регион. Како што се наведува, тој ги заштитил своите интереси и преку политичари во Хрватска. Во извештајот особено се нагласува улогата на Томислав Карамарко, поранешен претседател на ХДЗ и поранешен министер за внатрешни работи на Хрватска.

Црногорските служби посочуваат дека постојат индиции дека шкаљарскиот клан планирал ликвидација на Миќуновиќ во 2017 година, поради неговите односи со кавачкиот клан.

Убиството на Жељко Ражнатовиќ на 15 јануари 2000 година, во хотелот Интерконтинентал во Белград, беше изненадување за целиот регион. Меѓутоа, имаше и такви кои не беа изненадени. Според досието на Брано Миќуновиќ, што го изработиле оперативците на црногорската служба, балканскиот дон знаел што ќе се случи и дека деновите на Аркан се избројани.

Според информациите од тој документ, Миќуновиќ не бил вмешан во ликвидацијата на Ражнатовиќ, но имал информации дека бил подготвуван атентат врз командантот, како што го нарекувале Аркан.

Според неговите тврдења, Миќуновиќ однапред знаел за планирањето на неколку атентати што биле извршени во Белград во 2000 година, вклучувајќи го и Жељко Ражнатовиќ Аркан, се наведува во извештајот на црногорската служба.