Новороденчето кое беше донесено на Институтот за неонатологија КЦС од Обреновац, каде беше пронајдено во контејнер, сè уште е на одделот за интензивна нега.

Бебето од женски пол е тешко околу три килограми, а лекарите утврдиле дека е родена на време.

Мајката (23) на бебето, која со возило на Итна медицинска помош по породувањето во станот била пренесена во ГАК во Белград, поради крварење, се чувствува добро и нејзината здравствена состојба е стабилна.

Како што е најавено, за сместувањето на бебето ќе се одлучи откако Центарот за социјална работа во Обреновац ќе спроведе интервју со мајката и членовите на семејството и ќе одлучи дали бебето може да им биде вратено, а доколку тоа не е можно, бебето ќе биде дадено на посвојување или во белградскиот Центар за новороденчиња.

Како што објавија медиумите синоќа, бебето било случајно пронајдено кога случајните минувачи ја слушнале како плаче и повикале брза помош.

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти денеска дека полицијата ја уапсила Б.П. (61) од Обреновац за обид за тешко убиство.

Се сомнева дека Б.П., откако нејзината ќерка се породила, го фрлила новороденчето во контејнер.

Осомничената е приведена и таа ќе биде донесена во Вишото јавно обвинителство во Белград, заедно со кривична пријава.