Експертите за меѓународна политика Дејвид Филипс и Даниел Сервер не очекуваат петте земји од ЕУ кои не го признаа Косово да ги сменат своите позиции, освен Грција.

Според приштинските медиуми, таа земја може да го признае Косово.

Филипс и Сервер исто така сметаат дека позициите на петте земји-членки на ЕУ треба да се видат по завршувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Филипс и Сервер за РТВ Дукаѓини изјавија дека Грција најверојатно ќе го смени ставот за непризнавање на Косово.

Грција многу веројатно ќе го признае Косово. Зидот создаден од петте земји што не го признаваат Косово наскоро ќе почне да паѓа, кога Грција или некоја друга земја ќе одлучи да го признае Косово, рече Филипс.

Тој додаде дека Грција, во својата агенда во 2014 година, предлага понатамошна евроатлантска интеграција на сите земји од Западен Балкан.

Иако се надевам дека Грција ќе го смени ставот за Косово, не можеме да ги игнорираме нејзините блиски врски со српската држава, додаде тој.

Даниел Сервер смета дека особено Грција е најнепредвидлива во споредба со другите земји.

Се разбира, секој конечен договор меѓу Белград и Приштина треба да резултира со признавање на Косово од страна на петте земји кои не го прифатија тоа. Но, не гледам дека тоа ќе се случи наскоро, рече Сервер.