Руската вакцина против вирусот корона може да пристигне во белоруските поликлиники во следните три недели, изјави рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко.

Денес се согласивме со белоруската страна за заеднички клинички испитувања. Дел од испитувањето ќе се спроведат на територијата на Белорусија. Планираме да постигнеме конечен договор во следните три недели и да бидеме подготвени да ја испорачаме вакцината, изјави рускиот министер за ТВ Белорусија 1.

Делегација на руската влада, предводена од премиерот Михаил Мишустин, денеска го посети Минск.

Мишустин потврди дека Белорусија ќе биде првата држава на која Русија ќе и достави вакцина против короната.

Да потсетиме, Министерството за здравство на Русија на 11 август ја регистрираше првата вакцина во светот за превенција од вирусот корона, што ја изработи научниот институт Гамалеја заедно со рускиот фонд за директни инвестиции.

Вакцината беше наречена Спутник V. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна објави дека втората руска вакцина ќе биде регистрирана во септември.

Директорот на Фондот за директни инвестиции, Кирил Дмитријев, објави дека фондот примил апликации од повеќе од 20 земји за набавка на милијарда дози на руска вакцина против вирусот корона. Во исто време, тој посочи дека Русија се согласила за производство на вакцини во пет земји, а расположивите капацитети овозможуваат производство на 500 милиони дози годишно.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *