Германија и Франција ги напуштија преговорите за реформа на Светската здравствена организација, како резултат на обидите на Соединетите држави да го водат главниот збор во преговорите, иако Вашингтон претходно одлучи Америка да ја напушти таа организација.

Овој потег на Германија и Франција е удар за американскиот претседател Доналд Трамп затоа што Вашингтон, кој во моментот претседава со Г-7, се надеваше дека ќе објави нацрт на заеднички план за реформа на СЗО во септември, два месеци пред претседателските избори во САД.

Соединетите држави во јули објавија дека ќе ја напуштат СЗО за една година, откако Трамп ја обвини организацијата дека е премногу блиску до Кина и за лошо управување со пандемијата со коронавирус, но СЗО ги отфрли тие критики.

Никој не сака да биде вовлечен во реформскиот процес и да добие нацрт за тие реформи од државата која сама одлучи да ја напушти СЗО, рече висок европски претставник и учесник во преговорите.

На прашањето за потврда на одлуката на Париз и Берлин, портпаролите на владите на Германија, Франција, Велика Британија и Италија немаа коментари.

Во меѓувреме, француското Министерство за здравство објави: „Соединетите држави не треба да бидат лидер во реформите во СЗО, откако објавија дека имаат намера да ја напуштат таа организација“, пренесуваат агенциите.


Напишете коментар