Американските технолошки и здравствени гиганти, вклучувајќи ги Мајкрософт, Клиниката Мејо и Оракл, се здружија за да создадат нови ковид пасоши за вакцинација.

Благодарение на новите ковид пасоши, ќе биде овозможено враќање на меѓународните патувања, но се отвора прашањето за иднината на приватноста, пишуваат агенциите.

Американските гиганти се приклучија на иницијативата за акредитирана вакцинација, чија цел е да се создаде безбеден здравствен пасош, кој ќе може да го следи статусот на вакцинацијата на неговиот сопственик дури и кога ќе ги премине границите.

Во соопштението за јавноста, генералниот директор на Фондацијата Комонс проџект, која е дел од Иницијативата, изјави дека ваквите пасоши се неопходни за „безбедно враќање на патувања, работа, училишта и живот, додека приватноста на нивните податоци е заштитена“.

Оваа група работи на технологија со која вакцинираните лица ќе носат шифрирана копија од нивните „имунизирачки акредитиви“ и тие можат да се чуваат во дигитален паричник по избор.

За оние кои немаат „паметни“ телефони, ќе биде можно да се добие верзија отпечатена на хартија со специјализиран кју-ар код.

Учесниците во иницијативата рекоа дека сакаат да создадат „електронски пристап кон вакцинирање, тестирање и други медицински податоци“ што може да ги „користат и богатите и сиромашните“ и „едноставен како онлајн банкарство“, рече Мајк Сицилија, еден од потпретседателите на Оракл.

Според „Фајненшл тајмс“, новиот пасош ќе биде изработен врз основа на постојниот, што го направи „Комонс проџект“ и кој веќе го користат три големи авио алијанси. Според пишувањето на Фајненшл тајмс, “Комонс проџект” го разви својот пасош со поддршка на фондацијата Рокфелер.