Новата кампања за масовно собирање средства има за цел да инспирира 50 милиони луѓе ширум светот да дадат мали донации за проектот Ковакс.

Акцијата се одвива како дел од меѓународните напори за еднаква дистрибуција на вакцини за коронавирусот, објави АП.

Наречена „Go Give One“, кампањата ја започна Фондацијата на Светската здравствена организација, како и корпоративни, верски и светски лидери.

Првичните средства беа обезбедени од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Кампањата се очекува да донесе 3 милијарди долари за програмата Ковакс кои се потребни за вакцинирање на најмалку 30 проценти од луѓето, во 92 земји со ниски примања, во текот на следната година.

Таа поддршка ќе дојде од донатори кои ја помагаат кампањата „Go Give One” како и од договори за поделба на трошоците.

Пред тоа, 6,3 милијарди долари кои беа дадени на Ковакс беа обезбедени првенствено од владите на бројни земји, како и од СЗО, УНИЦЕФ и Коалицијата за борба против епидемијата.