Основачот на Мајкрософт Бил Гејтс предвидува дека оваа есен ќе биде полоша за Америка отколку летото во однос на последиците од епидемијата на вирусот корона.

Бројките растат, рече Гејтс. Тој изјави дека е можно да има зголемен пренос на вирусот, имајќи предвид дека доаѓа постудено време, а луѓето поминуваат сè повеќе време во затворени простории.

Гејтс истакна дека, сè додека Америка не започне активно да ја дистрибуира вакцината за коронавирус, „единственото нешто што ни преостанува да го направиме е нашето однесување“, најверојатно размислувајќи за одржување на физичка дистанца и носење маски.

За жал, има многу лоши пораки за овие прашања, а носењето маски не е почитувано во САД, рече милијардерот.

Во неодамнешното интервју за Ен-Би-Си, Гејтс рече дека животот ќе се врати во нормала по пандемијата само кога ќе се исполнат два услови – кога ќе се појави втората генерација на вакцини и кога вирусот ќе исчезне на целата планета.

Единствениот начин да се вратиме во нормала е после првата да се појави веднаш втора генерација на вакцини, која би можела да биде супер-ефикасна и голем број на луѓе да ја примаат. На тој начин, ќе ја елиминираме болеста на глобално ниво, рече Гејтс.

Тој пред само еден месец рече дека Соединетите држави можат да се вратат во нормала летото 2021 година благодарение на вакцините. Тој тогаш исто така најави дека неколку вакцини од првата генерација може да бидат одобрени за употреба на почетокот на следната година.

Според најновите информации од Универзитетот Џон Хопкинс, повеќе од 7,9 милиони луѓе во САД биле заразени со вирусот корона, а 217.717 починале.