Бил Гејтс го напушти Мајкрософт поради „несоодветна врска“ со вработена во компанијата, објави Волстрит журнал, цитиран од светските агенции. Американскиот економски весник се повикува на извори блиски до случајот.

Коосновачот и поранешен шеф на американскиот софтверски гигант конечно се повлече од раководството во март минатата година. На почетокот на овој месец, Бил Гејтс и неговата сопруга Мелинда изненадувачки објавија дека се разведуваат по 27 години брак.

Вчера „Волстрит журнал“ објави дека Управниот одбор на Мајкрософт решил Бил Гејтс да се повлече од своето место во раководството, додека трае истрагата за неговиот однос со вработен во компанијата. Според портпаролката на милијардерот, тој имал романса со жена на почетокот на овој век. Врската заврши „на пријателски начин“. Портпарол на Мајкрософт за Франс прес потврди дека компанијата е известена кон крајот на 2019 година дека Бил Гејтс се стремел кон интимна блискост со вработена во компанијата во 2000 година. Управниот одбор на корпорацијата започна длабинска истрага со помош на адвокатска фирма.

Вработената за која станува збор, која работи како инженер во Мајкрософт, во писмо признала дека имала сексуална врска со Бил Гејтс со години.

Членовите на управниот одбор на компанијата исто така побараа објаснувања за контактите на 65-годишниот Гејтс со починатиот финансиер Џефри Епштајн, кому му се судеше за трговија со малолетни девојчиња. Милијардерот објасни дека нивната врска е поврзана со филантропски прашања, но сепак изрази жалење поради тоа. Тој се повлече од управниот одбор на Мајкрософт пред крајот на истрагата.

Бил Гејтс , кој беше основач на софтверскиот гигант во 1975 година со Пол Ален, се пензионираше во 2000 година како генерален директор на компанијата за да посвети повеќе време на добротворната организација што ја основа со неговата сопруга Мелинда. Во 2008 година, тој ги напушти сите извршни позиции во Мајкрософт и остана само член на одборот.