Најмалку 28 лица се убиени во напад на автобус на главниот автопат во сириската провинција Даир ал-Зор, кој се граничи со Ирак, пренесуваат сириските државни медиуми.

Сириската новинска агенција САНА не наведе како се случил нападот, но го нарече „терористички напад“ врз автобус во областа Кобаџеп на југоистокот на провинцијата Даир ал-Зор, пренесува АП.

Ројтерс пренесува дека станува збор за напад од заседа врз воено возило.

Високо позициониран воен дезертер, кој не беше именуван, рече дека во возилото имало војници на провладините сили, кои се враќале во базата во напуштената, ретко населена област.

Според друг неименуван извор, најмалку 30 војници биле убиени, главно од елитната четврта бригада на сириската армија, која е многу присутна во провинцијата каде се произведува нафта, откако припадниците на Исламската држава беа протерани на крајот на 2017 година.

Досега не се соопштени други детали за инцидентот во областа каде што се наоѓаат повеќето сириски војници и милитанти поддржани од Иран, во близина на античкиот град Палмира.

АП наведува дека станува збор за напад врз патнички автобус и дека неколку лица биле повредени.

Автобусот патувал помеѓу централната провинција Хомс и Даир ал-Зора на исток, додава АП.

Оваа област некогаш беше контролирана од припадници на ИСИЛ, кои сè уште се активни во пустинските и руралните области во јужна и источна Сирија.