Девет од десет лица во сиромашните земји може да останат без вакцини следната година затоа што богатите земји имаат акумулирано повеќе дози отколку што им требаат, соопшти во средата Алијансата за вакцини.

Богатите земји, каде живеат 14 проценти од светската популација, купиле 53 проценти од вкупниот фонд на најперспективни вакцини од минатиот месец, предупреди Алијансата, коалиција на Оксфам, Амнести Интернешнл и Глобал Џастис сега.

Тие рекоа дека фармацевтските компании кои соработуваат на вакцината за ковид-19 треба отворено да ја споделат својата технологија и интелектуална сопственост преку Светската здравствена организација (СЗО) за производство на повеќе дози од вакцината.

“Тоа не треба да биде борба меѓу земјите што сакаат да обезбедат доволно дози“, изјави за Ројтерс Мохга Камал-Јани, советник во Алијансата за вакцини.

“Во ова време на невидена глобална пандемија, животот на луѓето треба да се стави пред профитот на фармацевтските компании“, додаде таа.

Додека групите со висок ризик започнаа да примаат вакцини Фајзер и БиоНТех во Велика Британија во вторникот, повеќето луѓе во 67 земји со ниски и ниски средни примања, вклучувајќи ги Бутан, Етиопија и Хаити, се изложени на ризик да останат без вакцината.

Меѓу трите вакцини ковид-19 за кои се објавени резултати на ефикасност, скоро сите достапни дози од двете – Модерна и Фајзер / БиоНТех – се набавени од богатите земји, се вели во извештајот на Алијансата.

Иако АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд ветија дека ќе обезбедат 64 проценти од нивните дози на луѓето во земјите во развој, ова во најдобар случај ќе опфати само 18 проценти од светската популација до следната година.

ЕУ, САД, Велика Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија, Австралија, Хонг Конг, Макао, Нов Зеланд, Израел и Кувајт набавија 53 проценти од овие потенцијални дози – со тоа што Канада купи доволно за да го вакцинира своето население пет пати, објави Оксфам.

„Со купување на огромното мнозинство на залихи на вакцини во светот, богатите земји ги кршат своите обврски за човекови права“, рече Стив Кокбурн, раководител на економска и социјална правда во Амнести Интернешнл.