Богатите земји веќе купија повеќе од половина од дозите од идните вакцини против коронавирусот, соопшти организацијата за борба против сиромаштијата Оксфам.

Податоците на Оксфам покажуваат дека 51 процент од залихите со вакцини кои се во последната фаза од истражувањето ги купиле земји кои сочинуваат само 13 проценти од светската популација.

Оксфам дошол до овој заклучок со анализа на веќе склучените договори, меѓу фармацевтските компании и производителите на вакцини со земјите ширум светот, за петте најперспективни потенцијални вакцини кои се во третата фаза на клиничкото испитување, а врз основа на податоците собрани од Ефинити, пренесува Еуроњуз.

Оксфам и други слични организации ги повикуваат сите субјекти да ги променат корпоративните практики, така што „народната вакцина“ да биде достапна за секого.

Исто така, се предупредува дека дури и ако петте водечки потенцијални вакцини се покажат успешни, сепак дури 61 процент од светската популација нема да може да се вакцинира барем до 2022 година.