СДСМ го враќа груевизмот, вели Петар Богојески од Македонски концепт и додава: Груевизмот воскресна!?

Пред многу години, после грчкото вето за Македонија, господинот Никола Груевски не извести дека ние, внатрешно ќе се европеизираме, дека Европа ќе ја донесеме во Македонија, а не Македонија во Европа, дека ќе работиме со поединечни пријателски земји, но мораме да го чуваме достоинството на народот, пишува Богојески.

Според Богојески, тоа доведе до длабока меѓународна изолација, тоа беше причината дел од вмровците во ВМРО ДПМНЕ да престанеме да му веруваме на Никола Груевски и да се бориме да ја интегрираме Македонија во ЕУ и НАТО!

Денес после толку години, после бугарското вето, еден друг господин, со исто име, Никола Димитров, ни го кажува истото што го кажуваше Груевски во 2009 година, оценува Богојески.

Богојески во стилот на кампањата: Никола не се плаши од женска сукња, на Радмила Шеќеринска од 2008 година, најавува или се пријавува како доброволец да го реши спорот со Бугарите за неколку дена.

Ние сакаме полноправно членство во ЕУ, а ако вие не сте способни тоа да го испорачате, да се поместите на страна, а работата со европската агенда да ја преземат луѓе кои се способни, во неколку денови да го решат бугарското прашање, вели тој и ги обвинува СДСМ за продавање патриотски приказни а-ла Груевски.

Овие патриотски грујови приказни, доволно ни се видени и слушнати, не ги сакаме повторно, само сега истите ни ги продава Владата на СДСМ, оценува тој, сметајќи дека е редно за полна интеграција во ЕУ, сега и веднаш!