Единствената држава која би сакала да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ со нашиот сосед е Бугарија. Ние тоа го сакаме дури и повеќе од Германија, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов во интервјуто за Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.

Според Борисов: За мене беше големо изненадување што неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија го покрена прашањето за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство, вели тој. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? Не познавам такво малцинство. Само од резолуцијата дознав дека има такво малцинство.

Но, бидејќи бугарските социјалисти во Европскиот парламент ја поддржаа резолуцијата, очигледно и тие веруваат дека такво малцинство живее кај нас во Бугарија. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Македонија, ние сега се движиме кон една сосема поинаква дебата, оценува Борисов.

Морам да кажам дека овој развој навистина ме загрижува, вели тој.

Компромис е можен, вели Борисов и додава:

Но, исто така, мора да ја знаете приказната. Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирани од сталинистичка Москва, сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна, Бугарите во Македонија насилно да ги претворат во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процес на влез во ЕУ се појават одредени погрешни изјави и јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и се витка под притисок на европските партнери.