Новиот вид коронавирус пронајден во Велика Британија може да биде позаразен за скоро 70 проценти, изјави денеска премиерот Борис Џонсон. Во исто време, тој истакна дека досега британските експерти не пронашле докази дека овој вид на вирус е посмртоносен.

Од утре, максималното ниво на ограничувачки мерки повторно ќе се воведе во главниот град Лондон и југо-истокот на Англија, поради ширењето на новиот вид на вирусот, најави британскиот премиер. Тој ги повика Британците да се подготват за поинаков Божиќ, без вообичаени прослави и собири.

Работите ќе бидат радикално различни до Велигден, уверува Џонсон, осврнувајќи се на тековната кампања за масовно вакцинирање на населението во Велика Британија.

Британскиот премиер зборуваше на прес-конференција, по видео-конференцијата што ја имаше со министри од кабинетот во врска со епидемијата.

Инаку, бројот на потврдени случаи на коронавирус во Велика Британија денес надмина 2 милиони.

На истата прес-конференција, главниот здравствен инспектор во Англија, Крис Вити, рече дека новиот вид на вирусот се шири неверојатно брзо во Лондон и југо-истокот на Велика Британија, но побавно во другите области. Шансите лицето да умре или да замине во болница откако ќе се зарази со овој вид коронавирус се приближно исти како и со старата верзија, рече Вити.

Тој истакна дека ова не е најлошиот момент на епидемијата, бидејќи медицинските контрамерки веќе биле на сила.

Главниот британски научен советник Патрик Валанс рече дека вакцините се чини дека создаваат имунитет против новиот вид. Потребни се нови ограничувачки мерки за да се стави под контрола ситуацијата со ширењето на овој коронавирус, рече тој.